Витиња јавно му удри корпа на Реал: Би било глупаво да одам таму!
Во разговор за француските медиуми, тој јасно порача дека нема намера да го напушти Париз, разочарајќи го раководството и навивачите на шпанскиот клуб, кои го гледаа како идеален наследник на Лука Модриќ.
На директното прашање за можен трансфер во Реал Мадрид, за кој се пишуваше со месеци во шпанските и француските медиуми, Витиња беше јасен.
„Би било глупаво да одам таму. Не мислам дека тоа е најдобро за мене. Тука во ПСЖ се чувствувам многу добро“, изјави Португалецот.
Витиња додаде и дека е посветен на клубот со кој има договор до 30 јуни 2029 година.
„Чувствувам дека луѓето ме ценат и дека ја заслужив таа доверба. Драго ми е што сум тука, моето семејство е среќно и имаме фантастичен тим и неверојатен тренер“, додаде тој.
Витиња се смета за моторот на средината на теренот во ПСЖ, а во Шпанија одамна се шпекулира дека токму тој е играчот што му недостасува на новиот проект на Реал Мадрид.