
Претседателката Силјановска Давкова го прогласи ЕМОФ за отворен! (ФОТО)
Ова е најголем спортски настан организиран за млади, со 34-годишна историја. Младинскиот олимписки фестивал првпат беше лансиран во Брисел во 1991 година како летен спортски натпревар. Скопје и Куманово (како и хрватскиот град Осиек) ќе бидат домаќини на повеќе од 4000 спортисти и службени лица, а ќе има и над 700 волонтери од цела Европа. Фестивалот ќе вклучува 15 спортски дисциплини.
Вечерва во „Јане Сандански“ продефилираа најголем дел од учесниците на оваа манифестација, заедно со тимот за бегалци на EOC, на кој му беше посветено посебно внимание во духот на еднаквоста и инклузијата. Илјадници млади спортисти на возраст од 14 до 18 години маршираа низ арената носејќи ги своите национални знамиња, носејќи ја со себе енергијата и надежите на новата европска генерација.
Публиката ги слушна воведните обраќања од Спирос Капралос, претседател на Европските олимписки комитети, кој се обрати пред европската спортска заедница и го истакна значењето на ЕМОФ како платформа за развој на младинскиот спорт и културна размена преку натпревар, почит и единство. Фестивалот официјално го отвори претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова, со што почна најважната спортска недела некогаш организирана во нашата земја.
„Драги пријатели, голема е честа да се биде земја домаќин на Европскиот младински олимписки фестивал на кој се собраа околу 4.000 спортисти кои ја манифестираат убавата страна на сегашноста и ја гарантираат светлата иднина на европскиот и светскиот спорт. Овој Фестивал е врвен спортски чин, генератор на заедништво и солидарност, креатор на европски културен и спортски дијалог.
Знам дека вие не се претставувате само себеси и вашите земји, туку покажувате врвно витештво и фер-однос и кога победувате и кога губите. Симболизирате здрав животен стил, покажувајќи им на вашите врсници како најдобро може да се осмисли и исполни времето преку прекрасниот аматерски спорт. Продолжете да го развивате олимпискиот дух, да праќате пораки за мир. Ве охрабрувам да го развивате олимпискиот дух, да ширите добра волја и пријателство, во спортските битки да го покажете најдоброто од себе. Надвор од спортското поле, од срце во посакувам незаборавни моменти кои ќе ве потсетуваат на овој фестивал. Дозволете ми да го прогласам ЕМОФ за отворен“, рече, меѓу другото, Силјановска Давкова.
ЕМОФ содржи натпревари во 15 спортови: атлетика, пливање, кошарка, кошарка 3×3, ракомет, одбојка, џудо, уметничка гимнастика, друмски велосипедизам, планински велосипедизам, кану слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и теквондо. Натпреварите ќе се одржат на спортски објекти со меѓународни стандарди во Скопје и Куманово, додека домаќин на натпреварите во уметничка гимнастика ќе биде Осиек, во соработка со Европските олимписки комитети и Хрватскиот олимписки комитет.
На свеченото отворање, македонското знаме го носеа кајакарот Кристијан Смилев и одбојкарката Матеа Поповска. Нашата репрезентација е составена од 181 млад спортист и 22 тренери, подготвени да се натпреваруваат и да го претстават македонскиот спорт во најдобро светло. Македонија досега нема освоено медал на ЕМОФ, па надежите се дека настапот на домашен терен ќе донесе историско прво одликување.