Грчки дефанзивец ќе игра за фудбалскиот прволигаш од Струга!

Екипата на Струга денеска го официјализираше ангажманот на 28-годишниот Киријакос Мазулуксис, искусен дефанзивец кој доаѓа како слободен агент, откако неодамна му истече договорот со грчкиот Паниониос.

Тој потпиша едногодишен договор со поранешниот шампион, со можност истиот да биде продолжен на уште две сезони. Тој игра како централен бек, но по потреба може да ги покрива и други дефанзивни позиции – десен бек или дефанзивен играч од средниот ред. Во кариерата има настапувано за неколку клубови во Грција, вклучувајќи ги ПАС Ламија, Ерготелис, Арис Солун, Кифисијас и ПАЕ Ханија. Со Арис го склучи својот прв професионален договор, а интернационално искуство стекна и во белгиски Лирс, каде кратко настапуваше пред неколку години.

Струга со овој трансфер добива фудбалер со разновиден дефанзивен профил и солидна биографија во грчкото првенство, што дополнително ќе ја засили конкуренцијата во задната линија на тимот.