
Минувањето на претквалификациите ќе биде успех еднаков на – полуфинале на ЕП!
На една недела пред најавениот старт на подготовките сѐ уште нема список со играчите на кои тој ќе смета во августовски мечеви со Романија и Унгарија (дома и гости), а причина за тоа се огромниот број откази со кои се соочи. Како што тргнала работата, во жолто-црвениот тим ќе има само еден повозрасен од 30 години, само два-тројца кои може да се пофалат со поголемо искуство и еден куп таленти и голобради момчиња чие време допрва доаѓа. Покрај горе спомнатата тројка, во овој циклус ќе ги нема ниту Бојан Крстевски, Андреј Маслинко, Дамјан Робев и Виктор Ефремовски, кои настапија на последниот меч против Полска годинава во февруари. Ќе го нема ниту Џејкоб Вајли, кој беше споменуван како можна опција за странец, во отсуство на Шортс и на повредениот Итан Хап.
Ова значи дека лидерската улога ќе им биде поверена на најискусните, Стојан Ѓуроски и Андреј Магдевски, додека веднаш зад нив ќе биде Андреј Јакимовски, кој ќе треба да покаже што научил во САД. Тука се и Андреј Андоноски, Марин Петков и Марко Миловановиќ, кои имаа солидна минутажа во МЗТ, а повикан е и 17-годишниот Никола Јаничиќ, како можеби наш најталентиран кошаркар во моментов. Селекторот ќе смета и на Стефан Стојковиќ, Лука Савичевиќ, Андреј Митревски, Валмир Какруки и нешто поискусните Амар Хот и Лејсон Зеќири.
Сето ова наведува дека Илиевски се соочува со смена на генерациите каква што немало никогаш досега во македонската репрезентативна кошарка, што секако ја зголемува вредноста на минувањето на претквалификацискиот циклус. Унгарија и Романија не се наивни противници дури и за нашиот најдобар состав, а со ваква помладена репрезентација ќе биде и тоа какво остварување ако се освои едно од првите две места во групата кои носат место во квалификациите за СП. Дури може да се каже дека би било еднакво на полуфиналето од ЕП 2011, колку тоа да звучи нереално, со оглед на кошаркарите со кои ќе ја почнеме новата сезона од серијалот наречен – македонска репрезентација.