За Реал Мадрид вечерва може да дебитира 19-годишник платен 100.000 евра

Реал Мадрид пред гостувањето кај Селта Виго се соочува со голема криза во одбраната поради серија повреди и суспензии и Арбелоа на располагање има само еден здрав стандарден стопер, па решение мораше да побара во вториот тим.

Шанса за настап вечерва можеби ќе добие Ламини Фати, деветнаесетгодишен дефанзивец кој ако излезе на теренот ќе запише деби за сениорскиот тим на „кралевите“.

Единствен целосно здрав и подготвен стопер од првиот тим кај Реал е Антонио Ридигер. Иако Асенсио се надева на место во стартниот состав, тој сè уште се опоравува од повреда на вратот и неизвесно е дали може да ги издржи сите 90 минути.

Проблеми има и во вториот тим на „кралевите“, каде што се повредени двајца стандардни стопери, Жоан Мартинез и Валдепењас. Сето тоа му ја отвора вратата на Ламини Фати за голема прилика.

Фати е роден во мадридската населба Хорталеза. Неговата мајка е од Ангола, а татко му од Гвинеја, наскоро ќе наполни 20 години игра со левата нога и е висок 180 сантиметри. 

Во Реал Мадрид пристигна во 2025 година како 18-годишник и за него гигантот од Мадрид плати сума од 100.000 евра, почна во јуниорскиот тим, меѓутоа брзо се избори за место во вториот.