Шок за Французите: Вембанјама нема да игра на Еуробаскетот

Првата ѕвезда на француската кошаркарска репрезентација Виктор Вембанјама нема да игра на претстојното Европско првенство што ќе се одржи во Полска, Финска, Летонија и Кипар.

Кошаркарот на Сан Антонио Спарс беше надвор од терените од февруари поради тромбоза, но и тој, а и сите во Кошаркарската федерација на Франција беа сигурни дека до почетокот на подготовките се ќе биде во ред и дека ќе му биде на располагање на селекторот Фредерик Фоту. Ако се погледнат последните фотографии на Вембанјама, може да се забележи дека тој е многу поразвиен во мускулниот дел, но очигледно смета дека уште не е време за кошарка, особено поради тоа што подготовките за новата сезона во НБА почнуваат неколку недели по завршувањето на Еуробаскетот.

Да биде проблемот за Французите поголем, нема да игра и вториот центар од НБА, Руди Гобер кој е еден од најдобрите одбранбени играчи во светот, а одлучи да паузира ова лето. Тоа ги става „триколорите“ во подредена позиција во однос на ривалите иако имаа шанса да се закитат и со титулата на континенталното натпреварување.