Чекор кон подобра иднина: КФМ го врати правилото за двајца Македонци на терен!

Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) на вчерашниот состанок го вратија правилото за задолжително присуство на двајца домашни кошаркари во секое време од натпреварите од регуларниот дел од сезоната, што беше укинато пред две години во времето на Перо Антиќ, нешто што наскоро ќе треба да биде потврдено и со гласање на членките на Собранието како задолжено за изгласување на Регистрацискиот правилник.

Ова значи поголемо време за македонските играчи, без разлика што не се менува правилото за користење четворица странци на средбите. Теоретски, најмалку 80 минути треба да се распределат на кошаркарите кои можат да играат за Македонија, што според тренерските логики значи дека секој прволигаш мора да има најмалку четворица домашни играчи, кои максимално би ги користеле во ротација. Ваквото правило би требало да го спречи трендот појавен во последните неколку сезони, кога поголем дел од екипите наместо да вложуваат во македонски кадар, играа речиси цел меч со четворица странци и со по еден домашен „спотер“.

Ова правило би важело веќе од следната сезона, која, пак, би била последна со 12 екипи во Првата лига. На вчерашниот состанок на УО на КФМ беше донесена одлука и за намалување на кошаркарската елита на десет тима од сезоната 2026/27, со дополнување дека во следниот шампионат ќе испаѓаат трите најлоши екипи, а само една од Втората лига ќе добие промоција.