Поранешниот клуб на Трајковски ја следи ситуацијата на Димитриевски

Македонскиот голман Столе Димитриевски летово речиси сигурно ќе ја промени средината откако Валенсија донесе одлука да го стави на трансфер-листата, а сега се појави и опција за наредна дестинација на Димитриевски.

Шпанскиот новинар Матео Морето пренесува дека ситуацијата со Димитриевски внимателно ја следи екипата на Мајорка која летово би можел да остане без некој од своите голмани.

И за двата голмани на Мајорка, Лео Роман и Доминик Гриф постои интерес од други клубови, па не се исклучува можност еден од нив или двајцата да заминат. Во таква ситуација Димитриевски би бил високо на листата на желби на клубот кој изминатата сезона ја заврши на 10-тата позиција во Ла Лига.

Морето потенцира и дека за да дојде до трансфер на Димитриевски мора прво некој Роман или Гриф да ја напуштат Мајорка.

Ќе потсетиме, своевремено дресот на Мајорка го носеше македонскиот напаѓач, Александар Трајковски кој за овој клуб настапуваше од 2019 до 2021 година.