Борнмут гази во преодниот рок - продаде фудбалери за 180 милиони евра

По релативно добрата сезона на резултатски план, англискиот премиерлигаш Борнмут одлично го почна летниот преоден рок и веќе има сериозна заработка.

Досега се продадени или договорени за продажба четворица фудбалери од кои клубот (ќе) инкасира вкупно околу 180 милиони евра. Потврдени се трансферите на Дин Хујсен во Реал за 62 и Џејдон Ентони во Барнли за 10 милиони евра. По нивните стапки се очекува да тргнат уште Милош Керкез кој за 47 милиони евра ќе го засили Ливерпул, како и Илја Забарњи кој можеби уште утре ќе потпише со ПСЖ за 60 милиони евра откако Луис Енрике покажа интерес за него уште во зимскиот преоден рок.

И тука не е крајот бидејќи за Антоан Семенјо се заинтересирани Манчестер Јунајтед, Ливерпул и Тотнем и за него Борнмут бара 80 милиони евра и ако се оствари тој трансфер, вкупната сума што ќе ја собере клубот ќе надмине 250 милиони.

Но, мора да се знае дека сето ова не е изненадување бидејќи претходните три години Борнмут беше еден од најголемите „трошаџии“ во европскиот фудбал. Во 2022 потроши 83, во 2023 уште 130, а лани 135 милиони евра или се заедно безмалку 350 милиони. На фудбалерите што тогаш ги купи веќе има голема заработка, а ако тоа го направи и со останатите, не само што ќе ги врати вложените средства, туку ќе биде и во добивка.