
Новата КФМ подготвува мега проект – модерна Арена на местото на СРЦ „Кале“!
Новиот предводник на македонската кошарка, Томица Главчев, откри дека постои амбициозен план, кој предвидува уривање на сегашниот објект и изградба на нов спортски комплекс, што, според него, ќе одговара на сите современи стандарди и ќе служи како центар за кошарка во Македонија.
„Имаме идеја, а во изработка е и нацрт план за целосно рушење на ‘Кале’ и изградба на нов објект по сите спортски стандарди. Планирано е да има две сали на нивоа од кои во долниот дел ќе биде мултифункционална сала за тренинзи, а во горниот, модерна арена која ќе се користи како кошаркарски дом. Во склоп на целиот комплекс е предвидено да има и дел со апартмани и ресторан, каде што во лето би биле сместени и би се хранеле репрезентативците од сите категории“, изјави Главчев.
За првиот човек на КФМ не е важно кој ќе стопанисува со новиот објект, важно е само да се изгради во интерес на македонската кошарка.
„Не ни е важно кој ќе го стопанисува тој објект, дали тоа ќе биде Владата, некое министерство или ние како Федерација, битно е само тоа да биде реализирано. Проектот му е претставен на ресорниот министер во Владата и од него имаме апсолутна поддршка за реализација. Мора да истакнеме дека сегашниот објект во ‘Кале’ не само што едвај ги исполнува критериумите за натпреварување на ФИБА, туку е и опасен поради тоа што во минатото не се водело грижа за многу работи околу неговото одржување“, изјави Главчев.
Во моментов, иницијативата е во рана фаза, а од КФМ напоменуваат дека ќе биде потребно време за административни процедури пред да почне евентуалната изградба. И покрај тоа, од Федерацијата уверуваат дека ќе вложат максимални напори за проектот да се реализира што е можно побрзо.