
Нема повеќе играње прволигашки натпревари во „школски“ сали...
Најверојатно во новата сезона ќе биде забрането да се игра во т.н. школски сали чија првобитна намена не беше да се користат за натпревари во елитна конкуренција, туку во нив да се „раѓаат“ млади спортисти и да имаат каде да тренираат тие. Челниците на КФМ планираат да направат ревизија на објектите, а со цел да се смени сликата за македонската кошарка.
„Многу лош имиџ остава играњето во сали во кои не би требало да настапуваат ни младински екипи. Уште сме под негативни импресии од одлуката на Работнички во плејофот против Пелистер и ТФТ да игра во салата 'Независна Македонија' која е школска сала бидејќи на 15-кратен шампион на Македонија не му доликува такво нешто. Поради тоа, на мислење сме дека треба да се дисквалификуваат таквите објекти и натпреварите од Првата лига да се играат во сали кои не се наменети за тоа. Прва на удар ќе биде токму таа во Кисела Вода и иако уште не сме донеле конечна одлука, ќе се обидеме да ја забраниме за новата сезона“, рече генералниот секретар на КФМ, Томче Стојчевски на денешниот брифинг со новинарите.
Последната сезона во таква сала играа Чаир („Шабан Трстена“) и Вардар („Независна Македонија“) кој испадна од елитната конкуренција, но и новиот прволигаш Маџари во Втората лига беше домаќин во сличен објект, па сега ќе мора да бара нов дом каде ќе ги пречекува своите ривали.