
Израел пресилен, четврти пораз за одбојкарската репрезентација
На првиот меч во Струмица, Македонија беше максимално совладана од Израел (22-25, 16-25, 18-25), без поголеми шанси да дојде до триумф. Мечот се играше без публика поради безбедносните мерки за израелските одбојкари.
Најголемата можност за Македонија, евентуално да дојде до сет, беше првиот кога нашите одбојкари иако во постојано негатива, се доближија на 19-20. Сепак, Израелците потоа освоија два поена по ред и ја сочуваа предноста за водство од 1-0. Во вториот сет Израел повторно ја имаше иницијативата со тоа што сега не дозволи нашата селекција да се доближи и кога отиде на 20-14, стана јасно дека ќе ја удвои својата предност. Слично беше и во третиот сет во кој Македонија, исто така, не беше конкурентна.
Александар Љафтов со 12 поени, Никола Ѓоргиев со 10 и Лука Костиќ со осум беа најефикасни во македонскиот тим. Нашата репрезентација сега има биланс 1/4 по пет одиграни натпревари во Златната лига. Утре македонските одбојкари се слободни, а в недела се среќаваат со Црна Гора.