
Ревизорска куќа го „чешла“ работењето на Антиќ – оставил хаос и празна каса во КФМ!
Новиот претседател, Томе Главчев, заедно со потпретседателот Младен Ѓуроски и генералниот секретар Томче Стојчевски, на денешниот брифинг со новинарите открија неверојатни работи за работата на претходниците, почнувајќи од фактот што кога дошле на сметката имало едвај – 300 евра. Ова е фрапантен податок за федерација чиј годишен буџет изминативе неколку години изнесуваше околу два милиони евра.
„Не сакам да обвинувам никого додека немам јасна слика на ситуацијата во КФМ. Кога видовме со што се соочуваме побаравме од ревизорска куќа да ја провери работата на нашите претходници. Небулозите се огромни, а сметката беше речиси празна. Наидовме на сериозни договори со субјекти поврзани со младинските европски првенства, на кои уште не им било платено за минатата година. Постојат финансиски дупки односно неплатен данок во износ од шест цифри во евра. Згора на тоа, се што можело се земало. Страв ми е да ги ставам двете раце на масата во мојата канцеларија за да не се скрши, по што бев инфомиран дека мојот претходник си го изнел мебелот велејќи дека тој си го донел. На ѕидовите има шајки, ама нема слики. Ова е само мал дел од тоа што се соочивме, али остануваме доследни на ветената транспарентност да откриеме се што се случувало откако ќе го добиеме извештајот на ревизорите“, кажа Главчев.
Во продолжение на брифингот од челниците на КФМ беа спомнат многу примери за тоа како нивните претходници, најмногу пред крајот на мандатот, потпишале договори со обврски надвор од секоја бизнис-логика, меѓу кои е и договорот за изнајмување на канцелариите каде што сега се наоѓа Куќата на кошарката. Се спомна и постоење анекс на договор за спонзорство за КФМ, кој на приватно лице му „гарантирал“ провизија од 20-отсто за наводно помагање тоа да се оствари. Периодов во нивните простории поминале голем број разни инспекции, каде резултат на работата на Перо Антиќ и неговите соработници, која донело и до тужби дури и од самите вработени во федерацијата.
„Изминатиов период од 50-тина дена ние се занимаваме со се освен со кошарка. Не знаеме каде ни е главата од дупките, небулозите и проблемите кои ни беа оставени. Ќе ни треба уште многу време додека почнеме да го работиме тоа за што сме избрани“, изјави потпретседателот Ѓуроски.
Фрапантен податок што беше изнесен е договорот со еден од операторите за 15 телефонски линии (13 мобилни и две фиксни) на максимални суми и на период од 24 месеци, кои воопшто не биле употребени само со цел да се искористи бонусот за да се „ќарат“ неколку телефони Ајфон и еден лаптоп, на кои засега им се губи трагот. Месечната сметка на оваа „ѓурултија“ е повеќе од 30.000 денари месечни односно вкупно 12.000 евра за целиот период од договорот.
Ова, секако, не е се ниту е објаснето конкретно во детали, што, според најавите, ќе се случи веднаш по извештајот на ревизорите.