
Шортс е недостапен, Итан Хап е повреден, па опција за странец е – Џејкоб Вајли!
Тој зад себе има 12 официјални средби во жолто-црвениот дрес, од кои последната му беше пред три ипол години на домашен терен против Шпанија во квалификациите за СП 2023. Причина за неговото враќање од „нафталин“ е фактот што двете странски опции кои ги имаме во последниот период не се достапни од различни причини. Итан Хап не играше речиси цела претходна сезона поради повреда, додека чудесниот Ти-Џеј Шортс засега е недостапен за новото раководство на КФМ. Причина за тоа, како што беше кажано на денешниот брифинг со новинарите, е лутината кон тогашните предводници на макбаскетот кои му ветиле минимална минутажа на неважната средба против Полска во квалификациите за ЕП 2025, а го држеле во игра речиси сите 40 минути. Ова значи дека шансите да се врати во македонскиот дрес засега се минимални, особено што тој потпиша за Панатинаикос и повторно ќе биде дел од Евролигата, кога не им дозволува на кошаркарите да играат за матичните репрезентации.
Ненад Димитријевиќ, пак, како најдобар македонски кошаркар е во неизвесна ситуација со оглед што летово ќе го менува клубот без разлика на договорот на уште една сезона со Олимпија Милано. Тој за четири-пет дена доаѓа во Скопје, кога ќе има состанок со селекторот Илиевски на кој ќе се прецизираат деталите околу неговото евентуално играње што секако би било од огромна помош во обидот да се дојде до квалификации за СП 2027.