„Никого нема да молиме – за Македонија ќе играат само тие што се ежат на химната!“

Македонската кошаркарска репрезентација во август ја чекаат по два натпревари против Унгарија односно Романија од претквалификациите за СП 2027, кои ќе бидат пеколни не само поради летните горештини туку и поради фактот што новиот селектор Марјан Илиевски може да се соочи со многу откази од играчи кои досега беа меѓу носителите.

Фактот што мора да се откажат од летниот одмор е причина поради која предводникот на националниот тим веќе има добиено неколку негативни одговори, а во најава се уште и многу и тоа од играчи кои ниту со години ниту со реноме не можат да си дозволат луксуз да не играат за Македонија. Раководството на КФМ планира сериозно да се соочи со овој проблем, па од секој што ќе биде ставен на списокот на Илиевски ќе се бара писмено да се изјасни дали ќе игра односно ќе бара писмено образложение зошто нема да игра, ако реши да откаже. Евентуалните оправдување со здравствени проблеми ќе бидат проверувани, односно кошаркарите ќе бидат испраќани на контроли во медицинскиот спонзор на Федерацијата, кој ќе проверува дали повредиме се реални.

„За Македонија ќе играат само тие што се ежат на химната. Никого нема да молиме. Ќе ги повикаме најдобри, а потоа и ќе ги објавиме тие што ни откажале и од кои причини. Не верувам во конкретни санкции, иако и тие не се исклучени, но за нив ќе биде доволно што ќе бидат осудени од јавноста што одбиле да играат за националниот тим. За нас кошаркарите кои летово ќе играат во претквалификациите ќе ни бидат приоритет и за следните циклуси, во ноември и февруари со надеж дека тоа ќе биде во квалификациите. Тие ќе играат и на следните натпревари, без разлика дали потоа ќе има поквалитетни кои ќе се премислат. Лојалноста е нешто што мора да се цени. Не прифаќање откажување во летниот период поради одмор, а потоа достапност кога ќе биде убаво во месеците во текот на сезоната. Верувам дека ќе истраеме во тој став“, изјави Томица Главчев на денешниот брифинг со новинарите.

Македонската селекција со подготовки ќе почне кон средината на јули, а следната недела селекторот Илиевски ќе го објави списокот со кошаркари за кои смета дека би оствариле најдобар успех. На него ќе бидат и тие што веќе најавиле откажување од било какви причини. Првиот меч е на Илинден (2 август) во Куманово против Романија, а последниот на 20 август во Битола против Унгарија. Во периодот помеѓу овие два термини нашите момци ќе им гостуваат на овие две селекции и тоа на 9 август во Солнок на Унгарците односно на 13 август на Романците во Орадеа. Пласман во квалификациите ќе обезбедат двете најдобри репрезентации од групата.