Тензии и провокации во Тирана, а од фудбал – речиси ништо! (ВИДЕО)

Уште од извлекувањето на групите во квалификациите поради политичката ситуација се зборуваше за натпреварот помеѓу Албанија и Србија, а на крајот на теренот не видовме премногу.

Тензијата беше присутна од доаѓањето на српските фудбалери во Тирана каде што мерките за безбедност беа на највисоко ниво, а не изостанаа и провокациите на теренот.

Видовме свирежи за српската химна, провокации од најмладите, инцидент во кој беше удрен фудбалерот Саша Лукиќ...

Кога е фудбалот во прашање најголемото возбудувања се случи во завршницата од првиот дел кога Манај не реализираше пенал за домашната селекција. Во вториот дел речиси и да не видовме сериозна прилика, ниту на едната, ниту на другата страна.

За Србија ова беше прв натпревар во квалификациите поради настапот во Лигата на Нации, додека Албанија во третото коло го освои четвртиот бод по поразот од Англија и победата над Андора.

Во останатите два натпревари кои се играа вечерва Австрија со 2-1 ја совлада Романија, а Холандија на гости ја оправда фаворитската улога против Финска со победа од 2-1.