Ракометарите на Пелистер во драматичен натпревар кој понуди голема борба и неизвесност до самиот крај славеше во Скопје со 30-32 и така ја освои шампионската титулата во Суперлигата.

Почетните минути од натпреварот донесоа ефикасна игра во која и двете екипи постигнуваа голови и се менуваа во водството, така беше се до 17-тата минута кога Вардар направи серија од 5-0.

Пелистер од 10-10 цели седум минути не постигна гол,  Вардар тоа го искористи за да дојде до највисоките пет разлика (15-10). Брзо се соземаа гостите од Битола и не дозволија тука да биде одлучен натпреварот, па до крајот на првиот дел се вратија на „минус два“ со кои заминаа на пауза (17-15).

Иако Вардар со гол го отвори вториот дел, сепак, првите минути од второто полувреме поминаа со подобра игра на Пелистер кој комплетно се врати во натпреварот и израмни на 19-19, па така последните 15 минути се влезе со максимална неизвесност.

На 11 минути пред крајот Пелистер доби напад и за водство кое последен пат го имаа во 12-тата минута, но тогаш се истакна голманот Гогов кој ја запиша една од најважните одбрани во натпреварот. Во следниот напад Горига во негов стил со силен удар од девет метри погоди за Вардар повторно да има „плус еден“ (25-24). 

Можеше Вардар да дојде до предност и од два гола, меѓутоа искусниот Гоце Георгиевски не реализираше во две ситуации, Пелистер тоа го искористи за конечно да поведе со 25-26, сепак црвено-црните експресно возвратија. Следуваше период во кој видовме нови одбрани на голманите и на двете страни, прво Еспиња одбрани пенал, па Митревски ја запиша седмата интервенција на спротивната страна.

Драмата продолжи и во последните минути во кои се влезе со нерешен резултат 27-27. Во таква ситуација јасно беше дека победникот ќе го одлучуваат детали, по голот на Пешевски за 29-30, Јагуриновски изнуди пенал при кој беше исклучен Борзаш, но Срдановиќ не го реализираше седмерецот.

Победникот беше одлучен на 20 секунди до крајот кога Манасков реализираше седмерец за два разлика кои беа недостижни.

Најефикасен кај Пелистер беше Филип Кузмановски со седум гола, додека кај Вардар не беа доволни ниту осумте гола на Вуко Борозан. За Пелистер ова е деветта титула во Суперлигата.