
Лазаров: АЕК има силен ростер и фантастични навивачи - ќе биде тешко, но не и невозможно!
За Алкалоид ова ќе биде прво европско финале во клупската историја, а за ваквиот успех според Лазаров една од клучните причини е мотивацијата која била на највисоко ниво од самиот старт.
„Покажавме константно добра форма низ целата сезона во Европскиот куп. Тимот играше со голем ентузијазам и се бореше жестоко на секој натпревар. Како млад клуб на големата сцена, имавме огромна мотивација да се претставиме во позитивно светло пред Европа. Секој натпревар, против секој противник, носеше своја специфична тежина. Како што се приближувавме до финалето, противниците беа сè поквалитетни. Од секој натпревар учевме лекции, што ни даде јасна слика каде можеме да го подигнеме нивото на нашата игра“ истакна Лазаров..
Пред дуелот со АЕК, Лазаров е свесен за квалитетот на ривалот, но и за шансата што стои пред неговите избраници.
„Ракометарите на АЕК се искусни и во секој момент сакаат да имаат целосна контрола на натпреварот. Не очекува сериозен предизвик. Ако фатиме добар ритам, се надевам дека ќе можеме да изненадиме како аутсајдери. Ќе биде тешко – но не и невозможно.
Во однос на индивидуалниот квалитет на противникот, Лазаров вели:
„АЕК имаат одлични голмани и исклучително квалитетна бековска линија, дури 10 играчи на тие позиции. Тешко е да се подготвиш за натпревар против тим со таков ростер. Пред сè, ќе ни биде потребен одличен ден и психолошка стабилност за да бидеме конкурентни во Атина“.
Алкалоид ќе има поддршка и од трибините, а Лазаров се надева на фер атмосфера.
„Навивачите на АЕК се фанатични, тие ќе бидат нивниот „осми играч. Во Македонија исто така има голем интерес за овој натпревар. И ние ќе имаме силна поддршка од трибините. Се надевам на фер и спортска атмосфера во секој аспект од ракометот, сепак, ова е финале на Европскиот куп“, порача Лазаров.
Првиот натпревар кој се игра в недела е закажан за во терминот од 18:00 часот, додека реванпот се игра игра во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ седум дена подоцна.