Голчиште на деценијата: Аргентинец погоди од 20 метри со - спектакуларни ножички (ВИДЕО)

Екипата на Индепендиенте избори пласман во четвртфиналето од аргентинското првенство Апертура со минимална победа над Индепендиенте Ривадавија (1-0), во меч што ќе остане запаметен по спектакуларниот погодок на Сантијаго Монтиел.

Тој во 57. минута постигна гол со спектакуларни ножички, кој според многумина ќе биде сериозен кандидат за престижната „Пушкаш“ награда. Голот следуваше по корнер за Индепендиенте, кога одбраната на гостите ја исфрли топката, но Монтиел, кој успеа да се ослободи од својот чувар, ја прими додека беше свртен со грб кон голот – таа му „легна“ совршено за спектакуларниот удар.

„Топката беше таму и не размислував – едноставно ја шутирав. Многу сум среќен. Долго време не сум постигнал гол и не играв поради повредите што ги имав. Минатите месеци беа навистина тешки, но вакво враќање со гол од соништата за секој фудбалер ме исполнува со радост“, изјави Монтиел за ЕСПН.

Индепендиенте во четвртфиналето ќе се соочи со Бока Јуниорс.