Се во Минхен денес ќе биде во знакот на еден човек, Милер се збогува со Баерн

Во Минхен денеска сè ќе биде во знакот на Томас Милер. Легендарниот офанзивен фудбалер на Баерн Минхен, кој целата своја професионална кариера ја мина на „Алијанц Арена“, денеска ќе го одигра својот последен натпревар во дресот на баварскиот гигант на домашен терен.

Баерн веќе ја обезбеди и прослави шампионската титула, која ја врати во своите витрини по едногодишна пауза и доминацијата на Баер Леверкузен, па така денешниот натпревар против Борусија Менхенгладбах ќе биде целосно посветен на една од најголемите легенди, не само на Баерн, туку и на германскиот фудбал воопшто.

Милер во својот последен натпревар ќе прослави и јубилеј и по 750-ти пат ќе настапи на официјален натпревар во Бундеслигата што е бројка со која не може да се пофали ниту еден друг фудбалер во историјата на германскиот фудбал.

Своето деби за првиот тим Милер го имаше во 2009 година под водство на Луј ван Гал. Во наредните години, тој стана столб на најсилниот Баерн во историјата, тим со кој освои сè што можеше да се освои: 13 шампионски титули во Бундеслигата, две титули во Лигата на шампионите, шест Купа на Германија, осум Суперкупа на Германија, како и по два Суперкупа на Европа и Светски клупски првенства.

За Баерн Милер постигна 248 голови и додаде неверојатни 274 асистенции.

Не треба да се заборави ниту неговиот успех со германската репрезентација, со која ја освои светската титула на Мундијалот во 2014 година во Бразил и со тоа го зацврсти своето место во историјата на светскиот фудбал.

Со заминувањето од Баерн, Милер нема да ја зарши кариерата и најавите се дека ќе продолжи во американската МЛС лига.

Фото: EPA PHOTO