Кривични пријави за фудбалерите на Гостивар кои нападнаа полицајци во Струга!

Тројца фудбалери и член на стручниот штаб на фудбалскиот прволигаш Гостивар, кои се државјани на Германија, Сенегал, Турција и Македонија, заработија кривични пријави за спречување и напад врз полициски службеници за време на извршување службени должности, соопшти денеска СВР Охрид.

Инцидентот се случил на 19 април во Струга, кога осомничените со физички напад, влечење и оттурнување се обиделе да ги попречат полицајците во интервенција поради тепачка и нарушување на јавниот ред и мир. Полицијата ги идентификува пријавените како А.А. (31) од Германија, А.Д. (25) од Сенегал, Ш.Т. (25) од Турција и Е.Д. (28) од Гостивар.

Според портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, против нив се поднесени кривични пријави за „спречување на службено лице во вршење службено дејствие“ и „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“. Тие биле приведени веднаш по натпреварот против екипата на Струга.