Шкупи се пофали со спонзор директно поврзан со кралското семејство од Дубаи!

Екипата на Шкупи најави влез во нова ера на развој со денешното официјализирање на соработката со „Ројал Бизнис совет“ – влијателна институција која делува под директна заштита и поддршка на кралските семејства од Дубаи и Обединетите Арапски Емирати.

Чаирчани со овој потег не само што обезбедува нов генерален спонзор, туку и силен сојузник со моќни врски во економијата, дипломатијата и спортот на Блискиот Исток. Како што беше истакнато во соопштението објавено на клупската веб-страница, новиот партнер, претставен преку д-р Сулејман Ташчи – претседател на „Ројал Бизнис совет“, не доаѓа само со финансиска поддршка, туку со јасна визија за трансформација на клубот во регионален центар за спорт и образование. Тој подвлече дека се работи за повеќедимензионален проект, инспириран од европски и светски модели, со цел да се изгради платформа што ќе го поврзе Скопје со Дубаи, Абу Даби, Доха и Ријад.

„Не станува збор само за спонзорство – туку за стратешки проект со цел развој на млади таленти и спортска дипломатија. Шкупи ќе биде централната точка на овој проект на Балканот, со целосна поддршка од нашата институција и од останати инвеститори од Заливот“, истакна Ташчи.

Според приложеното, со оваа соработка, клубот би добил професионална академија во Скопје, соработка со универзитети и академии од ОАЕ, Катар и Саудиска Арабија, партнерство со елитни клубови од Блискиот Исток и Европа и поддршка за 100-годишнината на клубот во 2027 година. Претседателот на Шкупи, Јасин Коњали, подвлече дека овој договор означува влез на клубот во една нова етапа на професионализам и меѓународна интеграција.

„Ние градиме мост меѓу Скопје и Дубаи, меѓу Балканот и арапскиот свет. Ова е патот што ќе ги поведе нашите млади кон големи сцени“, изјави Коњали.

Шкупи сезонава игра далеку под очекувањата на навивачите со оглед што со 34 бода е на дури осмото место на табелата со одамна загубени шанси во борбата за излез во Европа.