Синер се враќа како никогаш да не бил суспендиран

Денеска официјално истекува тримесечната суспензија на најдобриот светски тенисер Јаник Синер кој своето враќање на терените ќе го означи на Мастерсот во Рим.

Како што е познато, Италијанецот беше казнет поради тоа што лани, по Мастерсот во Индијан Велс, во неговото тело беше најдена недозволена супстанца Клостебол. По долга истрага, иако беше утврдено дека тој не е виновен, Синер прифати да помине три месеци надвор од терените, но неговото отсуство не се почувствува на изгледот на АТП листата.

Тој и натаму е убедливо на првото место, со 1.700 бода во однос на второпласираниот Александер Зверев, а со оглед на тоа што Германецот ја брани титулата во Рим, разликата по овој турнир може да биде уште поголема. Денеска тој ја почна 48. недела како лидер на АТП листата и со оглед на тоа што не брани многу бодови во следниот период, речиси сигурно ќе комплетира една година на врвот. Денеска ќе се одржи ждрепката за Мастерсот во италијанската престолнина кој официјално почнува утре, а Синер ќе го дознае својот пат кон титулата.

Неговиот прв меч е на програмата в петок или в сабота, со оглед на тоа што како прв носител е слободен во првото коло.