
Флик мораше да ја извади тешката артилерија за да го победи „фенерџијата“ (ВИДЕО)
„Каталонците“ славеа со 2-1, но со пресврт во второто полувреме откако не успеа првичниот план на тренерот Ханси Флик. Тој имаше намера да ги одмори главните играчи за дуелот против Интер во Лигата на шампионите и го почна мечот со „трет' тим имајќи предвид дека во стартната постава се најде фудбалер од Б-екипата на Барселона, како и Фати и Кристенсен кои ретко добиваа шанса оваа сезона.
Сепак, по само шест минути игра Иван Санчез со многу среќа го совлада повратникот на голот на Барселона, Марк Андре Тер Штеген и тоа целосно ги поремети плановите на гостинскиот тим. Ваљадолид се затвори на својата половина, па Барса без своите ѕвезди не успеваше да го пробие бедемот на домаќините.
Пред крајот на првото полувреме се повреди Дани Родригез, па на негово место влезе Јамал, а на почетокот од вториот дел Флик во игра ги внесе уште Рафиња и Де Јонг и работите се сменија. Рафиња израмни во 54., а Фермин Лопез погоди во 60. минута за пресврт на Барселона и водство кое Ваљадолид до крајот не успеа да го загрози.
Утре ќе се знае дали Барса во Ел Класико ќе влезе со предност од четири, шест или седум бода, во зависност од исходот на дуелот меѓу Реал и Селта на „Бернабе“.