
Денот кога 50.000 луѓе плачеа како еден на мечот меѓу Хајдук и Ц. Звезда (ВИДЕО)
Во „чест“ на годишнината од тој ден, навивачите на Динамо – Бед Блу Бојс – ги „пецнаа“ ривалите од Торцида со транспарент на кој пишуваше „Педесет илјади плачковци“, додека од трибините одекнуваа повиците „Тито, партија, Хајдукова армија“. Тоа беше потсетување на моментот од пред 45 години, кога додека Саша Залепугин и Хелга Влаховиќ ја водеа телевизиската програма, наеднаш сликата се затемни и се појави новинарот Мирослав Лилиќ, кој ја прочита веста за смртта на Тито. До тој момент на „Пољуд“, прво Црвена звезда поведе со гол од пенал на Владимир Петровиќ – Пижон, а резултатот беше израмнет преку Златко Вујовиќ. До 41. минута натпреварот се одвиваше нормално, сè додека тројца луѓе не влегоа на теренот и му соопштија на судијата Хусреф Мухаремагиќ за настанот. Натпреварот беше прекинат, играчите повикани на центарот, а градоначалникот на Сплит, Анте Скатаретико, преку разглас ја објави трагичната вест.
На трибините и на теренот настана молк, кој веднаш прерасна во солзи и тишина. Навивачите, играчите и персоналот плачеа, а потоа сите заедно ја испеаја песната „Другар Тито, ние ти се колнеме“. Златко Вујовиќ, еден од стрелците на натпреварот, подоцна се присети на тие емоционални моменти.
„Мојот брат Зоран падна на колена, јас плачев, чувството беше неподносливо. Играчите на Звезда исто така беа скршени. Никому веќе не му беше до фудбал. Натпреварот беше одложен, а јас пеш се вратив дома меѓу илјадници луѓе, во мртва тишина“, изјави хрватската легенда.
Фотографиите од „Пољуд“ тој ден го обиколија светот – луѓе со солзи на колена, очај на тревникот на новоизградениот стадион, масовна почит. Според некои извори, Тито бил симпатизер на Хајдук. Кога клубот стана шампион во 1971 година, наводно му рекол на тогашниот капитен Драган Холцер: „Хајдук беше мој клуб. И за време на НОБ бевте најдобар тим“.
Иван Гудељ, тогаш млад играч на Хајдук кој не започна во првиот состав, даде свое видување на настанот.
„Политиката не ме интересираше, само сакав да играм за Хајдук. Кога слушнав дека починал Тито, прво помислив дека станува збор за поранешниот претседател на клубот, Тито Киригин. Прво – тишина, потоа солзи и лелекање. Сите пееја 'Другар Тито, ние ти се колнеме'. Денес можеби некој се потсмева, но така беше. Јас не плачев, бев дете, имав само фудбал во глава“, изјави тој.