Македонските борачи славеа среде Грција! (ФОТО)

Викендов во грчкиот град Лариса се одржа традиционалниот Интернационален турнир во борење „Ахилеиа 2025“, а на него забележителен настап имаа македонските претставници.

Екипно, во конкуренција на борачи до 15 години, од 10 држави, Македонија го освои првото место, пред Грција и Молдавија, а во поединечна конкуренција, вкупно 12 наши учесници освоија медали.

Кај мажите, тројца се закитија со злато: Абдулазиз Азизи до 52 килограми, Лука Ананиен до 41 килограм и Димитар Атанасов до 75 килограми, тројца освоија сребро: Даријан Павлев до 68 килограми, Дардан Бела до 57 килограми и Христијан Димитријев до 85 килограми и тројца бронза: Ендрит Сулејмани и Заим Заими до 38 килограми и Матеј Трајковски до 62 килограма. Во женска конкуренција, Теа Донева освои прво место до 54 килограми, Изабела Зајков е втора до 62 килограма, а Спасија Василева трета до 50 килограми.

Тренери на борачите се Марјан Христов (на девојките) и Јазин Резалари и Риад Реџепи (на момчињата), додека на турнирот, од Македонија учествуваше и судијата Игор Христов.