
Лазаров: Нема да биде лесно, немаме право на грешка - верувам во момците!
Македонија треба да ги совлада Естонија и Литванија, откако загубивме двапати од Словенија, а бевме поразени и од Литванците на нивен терен.
Денеска ракометарите се собраа пред двата клучни и последни меча од квалификациите за Европското првенство.
„Секогаш сум оптимист, таков бев и како играч, таков сум и сега како тренер. Но сум и претпазлив, мора да бидам таков поради проблемите со повреди кои ги имаме. Ни недостасуваат многу играчи, тие ќе бидат заменети со нови“, вели Лазаров.
„Нема да биде лесно, немаме ни многу време за подготовки, имаме само два-три дена пред мечот со Естонија. Немаме право на грешка, ќе внимаваме на она што е најважно од анализата на противникот. Очекувам два тешки меча и физички и психолошки. Сепак верувам во тимот, верувам дека ќе се прикажеме во вистинско светло. Голем дел од ракометарите имаат играно вакви мечеви на кои немате право на грешки. Прво се фокусираме на Естонија, а потоа ќе мислиме на Литванија“, додава селекторот.
Лазаров нема да може да смета ниту на Велковски и Стојковиќ.
„Мислам дека Велковски 99 проценти нема да може да настапи, дојде тука само да се поздрави со момците. Има повреда на листот која ја заработи на мечот со Вардар. Денеска на болки се пожалии Марко Стојковиќ, па ќе мора да бидат направени тестови. Велковски отпадна, а најверојатно ќе отпадне и Стојковиќ. Знаев дека може да дојде до нешто вакво, затоа повикав 21 ракометар“.