Се ближи крајот: Леброн не знае дали ќе игра идната сезона

Кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс остана со една освоена титула со тимот од Калифорнија и вкупно четири во кариерата откако ноќеска доживеа елиминација во првата рунда од НБА плејофот.

Имајќи предвид дека веќе наполни 40 години, главна дилема е дали тој ќе игра и идната сезона. По мечот му беше поставено тоа прашање, а одговорот на Леброн беше неодреден.

„Не знам, немам одговор на тоа прашање. Ќе разговарам со семејството, сопругата и мојата група за поддршка, па ќе видиме што ќе се случи. Исто така, ќе разговарам сам со себе за тоа колку долго уште сакам да играм“, одговори Леброн.

Во случај да заигра во сезоната 2025/26, тој ќе го надмине рекордот на Винс Картер со вкупно 23 сезони во НБА и ќе стане најдолговечен кошаркар во историјата на лигата.