Фенербахче го одбрани својот терен, Ефес направи брејк кај европскиот шампион

Актуелниот шампион на Турција, Фенербахче поведе со 2-0 во четвртфиналната серија од Евролигата откако вечерва го совлада Париз со 89-72.

За разлика од првиот меч, кој исто така се одигра во Истанбул, Фенер сега беше далеку подоминантен и целата работа ја заврши уште во првото полувреме. По 20 минути игра, на семафорот стоеше 61-38, а Париз не беше ни сенка на онаа екипа која пред два дена го намачи Фенербахче и беше на чекор од изненадување. Тарик Биберовиќ беше најефикасен со 20 поени, додека кај Париз, традиционално, Шортс заврши како прв стрелец со 18 поени.

За разлика од Фенер, Панатинаикос не успеа да го одбрани својот терен и вечерва загуби од Анадолу Ефес со 76-79.

Турскиот тим заслужува честитки за прикажаното во ОАКА, но особено за карактерот бидејќи во втората четвртина имаше негатива од 15 разлика (17-32), а во последната влезе -10 (50-60). Во финалните 10 минути, сепак, направи голем пресврт и оствари исклучително важен триумф кој му дава шанси за пласман на завршниот турнир.

Херој на Ефес е Шејн Ларкин кој во финишот играше симултанка и ги постигна најбитните кошеви за својот тим. На нешто повеќе од две минути пред крајот, Панатинаикос водеше со 73-68, а Ефес го заврши мечот со серија од 11-3. Осум од 11. поени за турскиот тим постигна Ларкин, вклучувајќи една тројка од тешка позиција и клучните слободни фрлања кога домаќините се доближија на 76-77. Американецот го заврши натпреварот со 20 поени и индекс 27, но голем придонес за победата имаше и Венсан Поарие кој реализира 16 поени и 10 скока.

Сериите сега се селат во Париз, односно Истанбул. Тимот на Шортс е пред императив да не дозволи брејк што би значел и крај на серијата, додека Ефес има шанса да се пласира на завршниот турнир ако триумфира на двата натпревара.