Голема драма! Хориха во последната секунда донесе златна победа за Вардар во Битола!

Ракометарите на Вардар направија голем исчекор кон враќање на шампионската титула во Скопје, откако вечерва, во меч со исклучително драматичен финиш, како гости го совладаа актуелниот првак Пелистер (35-34) и тоа со гол постигнат буквално во последните милисекунди од натпреварот.

Херој во црвено-црниот табор беше Хориха, кој со бомба од десет метри ја скина пајажината од голот на Никола Митревски, што беше знак за еуфорична прослава на неговите соиграчи, но и на стотината Комити кои се најдоа на дел од трибините во салата „Боро Чурлевски“. Тоа беше само потврда на апсолутно заслужената победа на вардарци, кои водеа во најголем дел од средбата, на моменти и со пет гола разлика, а противникот само успеа неколку пати да изедначи без ниту еднаш да дојде до водство. Мечот ќе остане запаметен и според рекордниот број пенали, вкупно 26 за двете екипи од кои 15 беа за домашните тим (погодија 13) додека црвено-црните погодија 10 од 11 удари од седум метри.

Младен Крсманчиќ беше најефикасен кај гостите со 11 гола, пред јунакот Дмитро Хориха со седум гола, исто колку што даде и Вуко Борозан, додека кај пелистерци, Дејан Манасков имаше десет гола, а Филип Кузмановски погоди девет пати.

Со оваа победа, Вардар изби на врвот од табелата со 12 бодови, еден повеќе од Пелистер и четири повеќе од Алкалоид, кој има натпревар помалку. Ова ги става скопјани во пол-позиција во трката за шампионскиот трофеј, со оглед што во последното коло дома ќе го пречекаат ривалот од Битола, а во меѓувреме двата тима ќе треба да им гостуваат на „фармацевтите“ од Автокоманда.