Промена во последен час: Главчев ќе биде претседател на КФМ, Ѓуроски – директор!

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) следната среда дефинитивно ќе добие нов претседател на местото на Перо Антиќ, за чија смена се потпишаа речиси сите членки на Собранието, но тоа нема да биде Младен Ѓуроски како што досега се потенцираше, туку тоа ќе биде познатиот бизнисмен – Томица Главчев.

Станува збор за успешен бизнисмен, со големо педигре во кошарката и творец на чудото наречено Блокотехна, клуб кој е само еден од двата во нашата држава кој може да се пофали со трофеј од меѓународно натпреварување. Составот од Гевгелија, кој за жал повеќе не постои, во 2019 година триумфира во Балканската ига (БИБЛ) најмногу благодарение на визијата и финансиите на Главчев и на неговата компанија.

Тој и претходно беше дел од макбаскетот, како помагател на МЗТ Скопје во времето кога овој тим почна да доминира и да игра во АБА, а е еден од ретките во Македонија кој може да се пофали дека бил дел од спонзорскиот тим на поранешниот европски шампион, Партизан. Главчев и во минатото беше дел од управните одбори на КФМ, а беше дел и од последниот на Антиќ, секогаш како глас на разумот и како човек кој без емоции, трезвено и пред се транспарентно сака да ги постави работите на свое место.

Поранешниот прв човек на Кожув и на Блокотехна доаѓа на место на претседател на КФМ со единствена задача – со своето знаење и контакти во бизнис заедницата да ја покрие „дупката“ во буџетот во Куќата на кошарката, која во моментов, според неофицијални информации, е огромна. Доказ за такво нешто е и неодамнешниот штрајк на судиите поради неисплаќање на нивните такси од почетокот на годината, иако за тоа дури и има обезбедено спонзор.

Ѓуроски останува дел од тимот кој треба да донесе подобро утре на македонската кошарка, но како директор, со цел да добие можност да го посвети своето време на тоа што најдобро го знае – на спортскиот дел од работата на Федерацијата. Собранието за смена на Антиќ и за избор на Главчев за нов претседател ќе се одржи на 30 април (среда) во „Борис Трајковски“.