
Рубљов има големи проблеми: Живеам во страв, се плашам дека ќе полудам!
Тој пред Мастерсот во Мадрид, каде што ја брани титулата, откри дека живее во „постојан стрес“, плашејќи се дека дури и мала грешка може да му донесе казна или суспензија. Тенисерите се должни секој ден да пријават каде ќе се наоѓаат во текот на еден час, за да бидат достапни за евентуални допинг тестирања. Доколку не се пронајдат трипати во тој период, се смета дека го прекршиле антидопинг правилникот, што може да резултира со суспензија од една до две години.
„Тоа ме плаши. Мораме да запишуваме каде ќе бидеме секој час. Ако заборавиш или не си на локацијата, тоа се брои како грешка. Тоа не е фер. Живееме во постојан стрес“, изјави Рубљов.
Тој призна дека неодамна заборавил да го ажурира својот распоред по пристигнувањето во Мадрид, но за среќа не се соочил со последици. Дополнително, Рубљов изрази загриженост за можноста од несакана контаминација – сценарио што веќе ги погоди играчите како Јаник Синер и Ига Швјонтек. Како мерка на претпазливост, тој почнал целосно да избегнува употреба на лекови, дури и кога се чувствува болен.
„Станав претпазлив со лекови. Ако сум болен, се трудам да не земам ништо. Имам среќа што можам да се консултирам со доктори, но тоа не важи за сите“, објасни Рубљов.
Рускиот тенисер дополнително вели дека внимателно избира што јаде, бидејќи контаминирано месо било причина за позитивни допинг тестови во минатото.
„Општеството ме приморува да се сомневам дури и во храната. Забранети супстанци може да се најдат и во месо. Тоа може да те излуди“, додаде тој.
Рубљов лани во Мадрид се соочи со воспалено грло и беше принуден да се храни со бебешка храна, а по освојувањето на трофејот дури и заврши во болница.
ФОТО: EPA PHOTO