
ФФМ: Силекс изедначил од офсајд на Чаир, Воска без причина го напуштила теренот!
Судиската комисија утврдила дека судијата на мечот одигран на Чаир погрешно го признал израмнувачкиот гол на кратовци во 62. минута. Видео анализата јасно покажала дека напаѓачот на Силекс бил во офсајд позиција при постигнување на голот, поради што вториот помошен судија добил негативна оценка од контролорот Горан Спирковски. Комисијата нагласи дека ваквите судиски пропусти не смеат да се повторуваат, особено кога влијаат на конечниот резултат на натпреварот.
Натпреварот, пак, помеѓу Воска и Вардар, кој беше прекинат во 76. минута, предизвика голема контроверза, откако домашната екипа реши да го напушти теренот поради несогласување со одлуката на судијата при израмнувачкиот гол на гостите. Судиската комисија посочува дека видео материјалот не потврдува никакво прекршување на правилата на играта, што ја прави одлуката на судијата целосно оправдана. Одборот на судии го осуди напуштањето на теренот од страна на Воска Спорт како непрофесионален и непримерен чин кој е во спротивност со спортскиот дух и основните принципи на фер-плеј. Комисијата најави дека ќе бидат преземени соодветни санкции за овој преседан.
Во врска со реакцијата на Гостивар за натпреварот со Струга, Судиската комисија истакна дека не е направена никаква грешка од страна на судиите. Ситуацијата во 85. минута, кога стружани изедначија, била правилно оценета од судиската екипа, која доби високи оценки од контролорот Зоранчо Илиевски.