Англиска легенда се бори со семејна драма: Да можам би му ги дал очите на мојот син!

Поранешната фудбалска ѕвезда, Мајкл Овен (44), минува низ тешко животно искушение, откако на неговиот 17-годишен син Џејмс му беше дијагностицирана неизлечивата Старгардтова болест што доведе до губење на неговиот вид.

Сето ова предизвикува очај кај некогашниот англиски репрезентативец.

„Тој ми значи повеќе од сè. Да можев да му ги дадам моите очи, веднаш би го направил тоа. Но, тоа се картите што му се паднаа. Нема смисла постојано да се прашуваме ‘зошто баш јас’. Џејмс тоа одамна го прифати. На почетокот му беше тешко, но сега е позитивен“, изјави Овен.

Тој додаде дека Џејмс нема да може да вози автомобил или да ужива во разговори за фудбал во локален паб, но нагласи дека нивните односи се полни со разговори, смеење и шеги.

„Никогаш не се будам размислувајќи за неговите очи. Се будам со мислата дека тој е неверојатен млад човек.“

Иако признава дека на почетокот му било многу тешко, поранешниот репрезентативец на Англија вели дека мора да се живее со тоа и да се прилагоди на новата реалност.

„Секако дека сакаш твоето дете да има совршен живот, но ова е само мала пречка на неговиот животен пат“, вели тој.

Овен е еден од најдобрите напаѓачи на своето време. Играше за Ливерпул, Реал Мадрид, Њукасл, Манчестер Јунајтед и Стоук Сити, а за „Гордиот Албион“ има 89 настапи и постигнати 40 голови.

ФОТО: EPA PHOTO