Меси со мајсторско голчиште му донесе голема победа на Интер Мајами (ВИДЕО)

Фудбалерите на Интер Мајами обезбедија пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите на КОНКАКАФ, откако во реваншот од првата фаза го совладаа Спортинг Канзас Сити (3-1) во меч во кој Лионел Меси повторно беше во центарот на вниманието со фантастичен погодок.

Како и пред шест дена аргентинската ѕвезда се запиша во листата на стрелците против Канзас, а овој пат, неговиот гол донесе водство за тимот од Флорида, додека во првиот натпревар постигна победнички погодок. Луис Суарез асистираше за погодокот на Меси, а публиката во Форт Лодердејл имаше уште една можност да му се поклони на фудбалскиот магионичар, кој и на 37 години игра на врвно ниво. Тадео Аљенде зголеми на 2-0 по додавањето на Жорди Алба, а Суарез, по асистенцијата, успеа и самиот да се запише во листата на стрелците за убедливи 3-0. Единствениот гол за Канзас го постигна Мемо Родригез, кој само го ублажи поразот на својот тим.

Интер Мајами во осминафиналето ќе се соочи со Кавалиер од Јамајка. Првиот натпревар е закажан за 5 март, а реваншот ќе се одигра седум дена подоцна.