Вардар со голот на Донгмо го реши Силекс и избори полуфинале во Купот (ФОТО)
Првото полувреме го одбележаа неколку шанси, меѓутоа мрежите останаа да мируваат, по што возбудувањата продолжија и во вторите 45 минути. Најсериозни во нападот беа Босанчиќ и Дианесу, меѓутоа Божиновски ја зачува својата мрежа недопрена.
Силекс се закани уште на почетокот на вториот дел, но голманот на Вардар беше на висина на задачата во 47. минута. Потоа Роџерс од огромна далечина испрати удар кон голот на Силекс, во обид да го изненади противничкиот чувар на мрежата, меѓутоа топката заврши во гол-аут.
„Црвено-црните“ до водство стигнаа во 68. минута, по една голема мешаница во казнениот простор на тимот од Кратово. По одличната интервенција на гостинскиот голман, топката стигна до Донгмо кој ја затресе мрежата на Силекс.
Пласман во полуфинале остварија и Струга ТЛ со победа од 1-0 против Гостивар, како и Шкендија со триумфот против Детонит Плачковица со 1-0, додека Брера Струмица преку пенали го елиминира Арсими.