
Ристовски: Ракометот го прогласивме за спорт број еден – заслужува најголема поддршка!
Тој потенцира дека и во минатото го тврдел ова и дека тоа е поткрепено со факти.
„Оваа теза сум подготвен да ја бранам пред секого. Сите наши ракометни репрезентации се пласирани или имаат настапувано на големи натпреварувања, што е доволен аргумент најголемиот дел од субвенциите да се насочат токму во ракометот“, нагласи Ристовски.
Министерот најави изработка на нова стратегија во соработка со РФМ, со цел плански развој и зголемување на инвестициите во овој спорт. Посочи на примерот од одбојката, каде веќе се договорени проекти за финансирање млади селектирани играчи кои ќе настапуваат во младински и сениорски лиги.
„Секогаш се бориме за повеќе средства за спортот, но не поддржуваме трошење државни пари без резултати. Развојот мора да биде плански“, додаде Ристовски.
Осврнувајќи се на спортската инфраструктура, министерот откри дека се обновуваат повеќе сали низ државата, а наскоро ќе започне изградба на три нови – две во Скопје и една во Струмица.
„Без соодветни услови нема резултати. Планираме големи инвестиции во инфраструктура и размислуваме да создадеме посебен оддел во министерството кој ќе стопанисува со салите“, рече Ристовски.
Тој дополнително најави разговори со управата на СЦ „Борис Трајковски“ за намалување на цените што клубовите ги плаќаат за користење на салата при натпревари.