Ако сака пласман во нокаут фазата, Пелистер мора да го победи Динамо Букурешт

Учесниците во ракометната Лига на шампионите го почнаа финалниот спринт кога станува збор за групната фаза.

Тоа се однесува и за Пелистер кој сонува пласман во нокаут делот и во последните три кола ќе се обиде да ги оствари своите амбиции. Вечерва од 20:45 часот во Битола го игра можеби клучниот натпревар затоа што Динамо Букурешт е единстгениот од преистанатите три ривали против кои реално може да се надева на победа.

Сметките ги помати минатонеделната победа на Висла Плоцк против ПСЖ, па сега Пелистер има идентичен број бодови како полскиот претставник, но полош биланс во меѓусебните дуели поради што би го освоил седмото место ако вака заврши групната фаза. Динамо Букурешт го прегази битолскиот тим со 34-25 во првиот меѓусебен дуел оваа сезона, но Романците, заедно со Фредериција, се во најлоша форма од сите учесници во Лигата на шампионите бидејќи претрпеа порази на последните четири натпревари. Реално, имаа многу тежок распоред бидејќи се сретнаа со Фуксе, ПСЖ, Спортинг и Веспрем, најдобрите четири екипи во групата, но мора да се знае дека сите порази им беа со седум или повеќе разлика.

Пелистер во последните две кола гостува кај Фуксе и го пречекува ПСЖ, екипи кои се борат за второто место во групата, кое води директно во четвртфиналето и затоа не може да очекува сигурни бодови во тие два меча. 

„Среќни сме што пак ќе играме во Европа пред нашите навивачи. Динамо Букурешт е одличен тим и има врвни ракометари на сите позиции и ги води одличен тренер како Давид Дејвис. Овој проект го започна Чави Пасквал, а Дејвис продолжи по истиот пат. Сепак, ние играме дома и знаеме дека сме многу силен тим пред нашите гледачи. Тие се важни за нас, ни даваат нова енергија и спремни сме а да одиграме добар натпревар. Покриени се на сите позиции, во одбраната, при контра напади, не менуваат многу ракометари. Ќе биде тешко, но ние како екипа сакаме ваков тип на натпревар. Резултатите во последните неколку недели не се позитивни за Динамо Букурешт, но сепак тоа повторно е голем тим. Сите натпревари во Лигата на шампионите се важни, но енергијата и поддршката од нашите навивачи ни се нов адут да дојдеме до позитивен резултат. Ни треба посебна вечер за да бидеме успешни“, рече тренерот на Пелистер, Раул Алонсо.

Својот натпревар денеска го игра и ривалот на Пелистер, Висла Плоцк која од 18:45 часот го пречекува Фуксе.