Магдебург го „нокаутира“ Алборг, Нант подобар од Пик Сегед

Ракометарите на Магдебург беа подобри во драмата од Алборг со 32-31, додека Нант славеше против Пик Сегед со 32-29 во 12. коло од Лигата на шампиони (ЛШ).

Поголемиот дел од првото полувреме помина со израмнета игра на двете екипи, освен на средината кога Магдебург поведе со три гола предност (14-11), но набрзо Алборг ја анулира негативата и израмни на 17-17.

Во вториот дел повторно се водеше голема битка на теренот, а двете екипи се менуваа во водство, меѓутоа повеќе шанси во завршницата искористи Магдебург и триумфира со 32-31.

Магдебург со оваа поебда стигна до 11 бодови на петтата позиција, додека Алборг со 15 поени се наоѓа на трето место.

Пик Сегед доминираше во голем дел од првото полувреме и имаше предност од 13-10, но очигледно ги потроши силите, по што следеше распад во завршницата и целосен пресврт од страна на Нант (19-16).

Нант ја контролираше играта во второто полувреме, иако Пик Сегед покажуваше знаци на живот, меѓутоа не успеа да направи пресврт или да стигне до израмнување.

Со оваа победа, Нант се искачи на втората позиција со 15 поени, додека Пик Сегед има 12 бода во групата Б.