![](https://sport1.mk/files/styles/article/public/article/2025/02/08/248079-bez-pobednik-na-bernabe-madridsko-remi-vo-korist-na-barselona-video.jpg?itok=uMKgz5Pr)
Без победник на „Бернабе“: Мадридско реми во корист на Барселона (ВИДЕО)
Мадридското дерби заврши 1-1 иако двете екипи имаа свои шанси за триумф во него. Атлетико затоа што водеше по првото полувреме, а Реал бидејќи тотално доминираше во вторите 45 минути и пропушти неколку изгледни шанси да го нокаутира ривалот.
Атлетико поведе преку Хулијан Алварез од пенал во 34. минута на што му претходеше сомнителна одлука од главниот судија Сото Градо. Чуамени го згазна Лино, но тој момент не влијаеше на играта поради што еден од најдобрите шпански арбитри прво одмавна со рака за потоа на сугестија од ВАР собата да отиде да ја прегледа снимката и да покаже на белата точка. Во првото полувреме Реал не упати ниеден удар во рамките на голот на Атлетико, но се се смени во вториот дел.
По само пет минути игра Килијан Мбапе искористи една одбиена топка и го израмни резултатот со првиот директен шут на Реал на овој меч. Потоа се редеа шанси пред голот на Атлетико, „кралевите“ во вториот дел се обидоа дури девет пати, но мрежите не се затресоа уште еднаш.
По ова реми, Реал остана на првата позиција со 50 бода, еден повеќе од Атлетико. Ако Барселона утре победи на гости кај Севиља, ќе се доближи на два бода од лидерот на табелата и ќе ги направи исклучително интересни последните 15 кола од сезоната.