Дамјан Стојановски со најмногу титули во историјата само потврди дека е – легенда!
Капитенот на МЗТ Скопје со денешниот успех стигна до вкупно 11 титули во македонското првенство, со што ги надмина Огнен Стојановски и Марјан Ѓуров, со кои досега го делеше рекордот со по десет шампионски трофеи. Дамјан претходно сезонава веќе стана и најтрофеен кошаркар во Купот на Македонија, каде исто така има освоено 11 трофеи. Рекордот од десет шампионски титули беше актуелен уште од 2011 година, што значи дека Дамјан урна достигнување старо речиси 15 години. Од активните кошаркари најблиску до него е Бојан Kрстевски, кој со последната титула стигна до седум шампионски трофеи во кариерата.

Интересно е што, за разлика од останатите рекордери, Дамјан сите шампионски титули ги освои во дресот на МЗТ Скопје, учествувајќи во освојувањето на 11 од вкупно 13 шампионски круни на клубот од Аеродром.
Потврда на доминацијата на најспортското семејство во Македонија е МВП признанието за финалната серија кое заврши во рацете на Војдан Стојановски.