Падна проклетството на генерацијата на Антиќ: Олимпијакос по 13 години пак е првак на Европа!
За грчкиот гигант ова е прва европска титула по 2013 година, кога Перо Антиќ и другарите предводени од Душан Ивковиќ две години по ред се искачија на тронот, а до неа стигна по драматична завршница во која покажа повеќе смиреност во клучните моменти. Реал Мадрид подобро го отвори натпреварот и уште на стартот стекна предност од 9-1, предводен од расположениот Треј Лајлс, кој постигна 10 од првите 15 поени за шпанскиот состав.
„Кралевите“ ја контролираа играта во првата четвртина и по десет минути водеа со 26-19. Сепак, тимот на Георгиос Барѕокас постепено влезе во ритам, а иницијативата ја презеде Еван Фурние, кој блескаше во втората четвртина и му помогна на Олимпијакос на пауза да замине со минимална предност од 46-44. Во третиот период повторно следуваше налет на Шпанците. Избраниците на Серџо Скариоло направија серија од 10-0 и пред последната четвртина повторно имаа контрола на резултатот.
Но, завршницата му припадна на Олимпијакос. Марио Хезоња со тројка израмни на 80-80 на помалку од две минути до крајот, но грчкиот состав остана посигурен во последните напади. Алек Петерс и Фурние реализираа важни слободни фрлања, додека Реал не успеа да ги искористи шансите, особено со тројката на Фелиз со која можеше да израмни на 88-88. Најефикасен кај новиот европски шампион беше Фурние со 20 поени, додека Петерс и Саша Везенков додадоа по 12. Кај Реал, Лајлс натпреварот го заврши со 24 поени и осум скока, а Хезоња постигна 19 поени.