Алкараз си ја искомплицира ситуацијата, но стигна до финалето во Ротердам

Карлос Алкараз утре ќе има шанса да го освои првиот трофеј во 2025 година бидејќи ќе игра во финалето од турнирот во Ротердам.

По голема борба, тој вечерва го победи Хуберт Хуркач од Полска со 2-1 (6-4, 6-7, 6-3) иако имаше добра шанса работите да ги реши во два сета. Во првиот се спаси по брејк негатива и по 1-4 освои пет гема по ред за водство од 1-0 во сетови. На стартот од вториот имаше три брејк топки веќе во првиот гем, но не ги искористи и сетот отиде во тај-брејк. И таму имаше предност од еден сервис на противникот (5-4), но Хуркач освои три поени по ред и израмни.

Тоа како да го изнервира Алкараз кој третиот сет го почна со 3-0 и потоа не дозволи Полјакот да му ја загрози победата.

Во утрешното финале, Алкараз ќе се сретне со Алекс де Минор кој и лани играше во мечот за титулата, но загуби од Јаник Синер. За Шпанецот ова е прво финале на турнирот во Ротердам и можност да дојде до првата АТП титула по турнирот во Пекинг, на почетокот од октомври.