Хрватска легенда во посета на ФФМ - да помогне во развојот на младинскиот фудбал!
Асановиќ во моментов работи како консултант на Европската куќа на фудбалот (УЕФА) и треба да помогне во развојот на младинскиот фудбал во Македонија.
„Гледам нови ветришта во македонската куќа, се надевам на блиска соработка наскоро со сите вас, посебно со Ѓорги Христов, затоа што јас знам дека за развој на фудбалот во Македонија е еден од најдобрите. Го запознав претседателот, гледам дека е енергичен, сака напредок во фудбалот и тоа е добар знак за македонскиот фудбал да се крене, бидејќи има таленти. Ова е поднебје каде што има таленти, само треба да се најдат вистинските луѓе за тоа. Убеден сум дека тоа е вистинскиот пат за македонскиот фудбал. Едноставно гледам голема енергија и она што е важно, имате знаење и продолжете понатаму“, кажа Асановиќ.
Омерагиќ кажа дека посетата на Асановиќ ја нагласува посветеноста на УЕФА за поддршка на развојот на младите фудбалери во државата.
„Посетата на нашиот пријател Аљоша ја нагласува посветеноста на УЕФА за поддршка на развојот на младите фудбалери, зајакнување на односите со нашиот оддел за младински фудбал и доказ за важноста да се инвестира во младите, осигурувајќи дека ги добиваат правите насоки и можностите за напредок. Ова е, исто така, одлична можност да ги инспирираме нашите фудбалери од Академијата на ФФМ и да ги подобриме нашите програми. Поддршката на УЕФА е непроценлива за развој на оваа категорија фудбалери“, кажа Омерагиќ.
Христов кажа дека е одлично тоа што може да побара помош од Асановиќ и неговиот тим.
„Не случајно Асановиќ е одговорно лице на УЕФА и претседателот Чеферин за помош со неговото знаење и искуство како ние да ги оствариме целите кои ги имаме зацртано, а се многу важни во фудбалот. Јас се чувствувам слободен и нема да се срамам во секој момент да ја побарам помошта од Асановиќ и неговиот тим за сè што е поврзано за развој на младите, бидејќи тоа нас ни е клучно. Ќе почнеме од најмладите, од генерацијата 2012. што треба веќе на лето да ја селектираме. Заедно да направиме еден систем кои ќе го следат многу генерации во иднина“, посочи Христов.