
МЗТ го прегази Чаир, Куманово се радуваше во Гостивар
Од самиот старт домаќините најавија во каква насока ќе оди натпреварот, отворија со 7-0 и во продолжение констатно беа во водство, Чаир ниту еднаш не успеа посериозно да се доближи.
Првиот период МЗТ го заврши со двоцифрена предност од 26-14. Доминацијата продолжи и во вториот период, па предноста само растеше од „минута во минута“ за да „штрковите“ да имаат и „плус 28“ во неколку ситуации. На одмор се замина со 52-31.
Предноста над 20 поени МЗТ ја одржуваше и во третиот период, додека во четвртиот веројатно дојде и до мало опуштање, па Чаир успеа да го ублажи поразот.
Не му помогна многу на Чаир ниту тоа што го имаше најефикасниот на средбата, Кели постигна 19 поени и додаде 12 скокови со четири асистенции за дабл-дабл, додека кај МЗТ Магдевски уфрли 14.
Победа во денешните дуели забележа Куманово над Гостивар со 56-62. Куманово го имаше водството во најголем дел од натпреварот, но сепак во завршницата дозволи домаќините сериозно да се доближат. Сепак, за пресврт гостиварци немаа сили.
Во третиот натпревар кој се играше во истиот термин Работнички доминираше против Вардар и запиша триумф од 112-73.