Ѓоковиќ бизарно ја повредил ногата на аеродром, ама ќе игра во Индијан Велс (ВИДЕО)
Иако се очекуваше да се соочи со австралискиот тенисер Ник Кирјос, тој дуел нема да се случи поради повреда на зглобот на Кирјос. Пред почетокот на турнирот, една од главните теми беше здравствената состојба на Србинот, кој имаше проблеми со ногата по завршувањето на турнирот во Доха. Популарниот Ноле истакна дека нема причина за загриженост и дека повредата не е сериозна.
„Беше непријатно да го видам тоа видео, но можам да објаснам – на аеродромот силно го удрив зглобот додека излегував, бидејќи беше рано наутро. Затоа влечев нога, но нема никакви последици“, објасни Ѓоковиќ.
Тој дополнително појасни дека оваа ситуација не е поврзана со повредата на мускулот која ја имаше по Австралија Опен.
„Луѓето ја поврзаа со претходната повреда, но не станува збор за тоа. Чувствувам дека сум во добра форма и со нетрпение ги очекувам Индијан Велс и Мајами. Ова ќе биде првпат по шест години да играм на двата турнири“, додаде Ѓоковиќ.
Најдобриот тенисер во историјата пет пати го има освоено Индијан Велс, а последниот триумф му беше во 2016 година.
„Освен грен-слемовите, постојат неколку турнири што ме инспирираат и ме мотивираат кога се будам наутро. Индијан Велс и Мајами дефинитивно се на врвот на таа листа“, заклучи Ѓоковиќ.