Нејмар по 11 години и 320 милиони евра се врати во Сантос и почна да - плаче (ВИДЕО)

По точно 4.232 дена, 303 гола на 494 натпревари и нешто повеќе од 300 милиони евра „свртени“ на неговите ангажмани, Нејмар да Силва Сантос Јуниор (32) се врати во Сантос, клубот каде што го започна своето професионално патување пред 16 години.

По прекинот на договорот со Ал-Хилал, вреден 100 милиони евра годишно, тој потпиша со својот поранешен клуб, а на неговото претставување стадионот беше исполнет со навивачи кои скандираа неговото име. Атмосферата го расплака офанзивецот. Враќањето на Нејмар доаѓа откако тренерот на Ал-Хилал, Жорж Жесус, неодамна потврди дека клубот нема да го регистрира за вториот дел од сезоната во Саудиска Арабија.

„Тој повеќе не може да игра на нивото на кое сме навикнати“, изјави Жесус, посочувајќи дека Бразилецот би можел да настапува само во Азиската Лига на шампиони.

Нејмар ја почна кариерата во Сантос, а во 2013 година се пресели во Барселона, каде што освои сè што можеше. Четири години подоцна, со рекорден трансфер од 222 милиони евра премина во ПСЖ, со кој освои пет француски титули. Минатото лето, за 90 милиони евра, премина во Ал-Хилал, но поради повреда на лигаментите одигра само седум натпревари и постигна еден гол.

Иако формално е под договор до јуни, извесно е дека Нејмар ќе продолжи во Бразил, враќајќи се во клубот од кој ја започна својата кариера. Вкупно, во својата професионална кариера, тој има постигнато 439 голови во официјални натпревари за клубовите и репрезентацијата. Видеото од неговата презентација погледнете го ТУКА