Антиќ конечно заминува во историја: Главчев денеска го презема кормилото на КФМ!

Перо Антиќ како кошаркар ќе остане запаметен како еден од најдобрите тројца во историјата на македонската кошарка, со три европски титули и настап во НБА, но како претседател на КФМ ќе биде потенциран како можеби најлошиот во периодот по самостојноста на државата.

За среќа на макбаскетот, неговиот мандат денеска и официјално ќе заврши и тоа на Вонредното Собрание закажано за салата „Борис Трајковски“ со почеток од 16 часот. Тој дури и немаше доблест самиот да го свика собирот на клубовите, иако речиси сите од нив побараа такво нешто, туку Иницијативниот одбор за промени сам мораше да го направи тоа, според овластувањата кои му ги дава Статутот. Се уште е нејасно дали тој и неговите соработници воопшто ќе се појават на денешното Собрание и дали планира мирно да ја предаде власта односно без многу галама да ја прифати волјата на тие што ја прават кошарката во Македонија.

Од денеска нов кормилар на КФМ ќе биде Томица Главчев, успешен бизнисмен со големо педигре во кошарката и творец на чудото наречено Блокотехна, клуб кој е само еден од двата во нашата држава кој може да се пофали со трофеј од меѓународно натпреварување. Составот од Гевгелија, кој за жал повеќе не постои, во 2019 година триумфира во Балканската Лига (БИБЛ) најмногу благодарение на визијата и финансиите на Главчев и на неговата компанија.

Тој и претходно беше дел од макбаскетот, како помагател на МЗТ Скопје во времето кога овој тим почна да доминира и да игра во АБА, а е еден од ретките во Македонија кој може да се пофали дека бил дел од спонзорскиот тим на поранешниот европски шампион, Партизан. Главчев и во минатото беше дел од управните одбори на КФМ, а беше дел и од последниот на Антиќ, секогаш како глас на разумот и како човек кој без емоции, трезвено и пред се транспарентно сака да ги постави работите на свое место.

Главчев во последен момент излезе како фаворит за претседателската улога, додека поранешниот репрезентативец, Младен Ѓуроски, кој изминативе месеци фигурираше како наследник на Антиќ, ќе добие улога во која би требало и подобро да се снајде – директор задолжен за спортскиот дел од работата на Куќата на кошарката. Во неговиот тим се споменуваа и легенди како Врбица Стефанов, Петар Наумоски и Владо Илиевски, а дали тие ќе останат и во приказната на бизнисменот од Гевгелија ќе покаже следниот период.