Катастрофа за „кралевите“: Реал остана без стопери пред Ел Класико

Цела сезона Реал Мадрид има проблеми со повреди на главните фудбалери, но пред клучниот дел од првенството, ситуацијата навистина е алармантна.

За десетина дена „кралевите“ ги очекува најважната пресметка, против Барселона на Монжуик, а како што стојат работите, Анчелоти нема да има ниеден здрав стопер за тој натпревар. Едер Милитао одамна е повреда, Антонио Ридигер доби суспензија и одлучи да го искористи периодот за да направи операција, а најнов член на листата на повредени е Давид Алаба.

Од клубот информираат дека австрискиот репрезентативец има скинат менискус на левото колено и деновиве треба да оди на операција по што ќе биде надвор од тремажен процес меѓу шест и осум недели. Во Реал се надеваат дека ќе биде подготвен за Светското клупско првенство, но прашање е во каква физичка состојба ќе биде во тој период.

Со ваков развој на настаните, единствен достапен стопер во моментов е Раул Асенсио кој, всушност, не е првотимец, туку е на двојна регистрација од Б-тимот на Реал иако сезонава одигра голем број натпревари, токму поради повредите на главните играчи. Многу веројатно друштво во последната одбранбена линија ќе му прави Чуамени, но прашање е дали тие двајца можат да го запрат ѕвездениот напад на Барселона. Тука е и Хесус Ваљехо, но тој одамна е отпишан од тренерот на Реал и само формално пополнува место во тимот.

Анчелоти има проблеми и во останатите линии бидејќи за Камавинга заврши сезоната, а не е достапен ни Ферлан Менди кој ја обнови повредата во финалето од Копа дел Реј.