„Играњето за Македонија е повеќе од кошарка – салата полна, а емоциите на најсилно!“

Еден од најдобрите европски кошаркари во моментов, македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс, на едно од гостувањата на се популарните подкасти зборуваше за одлуката да игра за Македонија, за искуството со националниот тим и за атмосферата на натпреварите.

Натураизираниот Американец откри дека клучна улога во неговата одлука да настапува за Македонија одиграл легендарниот Лестер Бо Мекејлеб, со кого разговарал пред да ја прифати понудата. Тој истакна дека контактот со федерацијата бил воспоставен додека настапувал за Бон во Франција, а како најдоброто искуство со репрезентацијата го издвојува мечот против Норвешка во Гевгелија.

„Навистина беше неверојатно. Полна сала, луѓето еден врз друг, сите навиваа за својата држава. Тоа беше една од најдобрите атмосфери во кои сум играл, емоциите беа на најсилно. Играњето за Македонија беше единствено искуство. Секогаш велам дека тоа е повеќе од кошарка, затоа што играш за држава “, изјави плејмејкерот.

Шортс во моментов настапува за француски Париз, каде што игра во Евролигата. Поради клупските обврски и забрани, веќе подолго време не настапува за Македонија, иако во неколку наврати беше на проширениот список на селекторот Јончевски. Во негово отсуство, прв избор на плејмејкерската позиција е Ненад Димитријевиќ.